Голгетерот на Манчестер сити, Ерлинг Халанд, успешно го помина тестот на вага по враќањето од празниците. Фудбалерите на „граѓаните“ добија три слободни дена за време на празничниот период, а на тренинзите се вратија токму на Божиќ.
Сепак, менаџерот Пеп Гвардиола им испрати јасна и строга порака, нема толеранција за вишок килограми. Шпанецот јавно најави дека секој фудбалер кој ќе се врати со зголемена тежина ќе биде казнет и нема да конкурира за натпреварот против Нотингем Форест.
„Штом ќе се појават по трите слободни дена, сакам веднаш да видам во каква состојба се вратиле. Можат да јадат, но под моја контрола. Веднаш ќе правам селекција за дуелот со Форест. Замислете играч кој пред паузата бил во совршена форма, а по празниците ќе се појави со три килограми повеќе, тој ќе остане во Манчестер и нема ни да патува за Нотингем“, порача Пеп пред неколку дена.
Овие зборови силно одекнаа во англиските медиуми, но најважната вест за тренерот на Сити е дека Халанд успешно ја поминал контролата.
Норвешкиот голгетер тоа го потврди и на шеговит начин на социјалните мрежи, објавувајќи фотографија од вагата која покажува 94,4 килограми, со кратка порака: „сѐ е во ред“.