Претседателот на Фудбалската федерација на Македонија, Масар Омерагиќ, одговараше на новинарски прашања, а една од главните теми беше смената на селекторот Благоја Милевски.
Омерагиќ откри дека во почетокот воопшто не се размислувало за промена на селекторската позиција, но тешкиот пораз во Кардиф ја променил насоката во ФФМ и довел до одлука за нова енергија пред баражот.
„Не знам зошто именување на селекторот е во центар на вниманието, тоа е нормално. Секаде се менуваат селектори. Не беше планирано, разговаравме и за продолжување на договорот, но дојде тој последен период и резултатот во Кардиф. Боби на голем дел од овие репрезентативци им беше селектор и во младата селекција, со некои од нив работи десет години. Поради тоа одлучивме дека е време за нова енергија, Милевски имаше одлични резултати, имаше и лоши резултати секогаш е така, тој секогаш беше максимално коректен и скромен. Сметавме дека со една нова енергија ќе имаме повеќе шанси во баражот, дали тоа е правилен избор ќе видиме, никогаш тука нема правило, нема гарација во спортот“, изјави Омерагиќ.
Нов селектор на Македонија ќе биде Гоце Седлоски кој ќе дебитира во баражот за Мундијалот против Данска.