Тренерот на Шкендија, Јетон Беќири беше расположен по вчерашниот меч против АЕК Ларнака кој значеше пласман на тетовскиот тим во наредната фаза од Конференциската лига.
Беќири се чини дека никогаш не бил порасположен после пораз отколку вчера.
„Ова е нешто важно кое го постигнавме. Што се однесува до натпреварот, добро го контролиравме до 53. минута кога останавме со играч помалку. Тој период размислувавме да го освежиме тимот со некои играчи каде што домашниот тим повеќе би ризикувал. Сепак игравме против многу квалитетен тим, кој во ова натпреварување победи и тимови на многу повисоко ниво“, рече тренерот на Шкендија, Јетон Беќири.
Тој вели дека новиот сон на Шкендија е да го мине наредното коло.
„Емоциите се позитивни бидејќи претходно сонувавме да влеземе во Конференциската лига, потоа сонувавме да го поминеме лигашкиот дел, сега кога го направивме и тоа, ќе сонуваме да минеме уште едно коло“.
Смета дека заслужиле повеќе бодови, но задоволен е и верува во убава пролет.
„Мислам дека во текот на шесте натпревари покажавме стабилност и со малку повеќе среќа и искуство ќе освоевме повеќе бодови, заслуживме повеќе бодови. Екипите кои може да ги добиеме во ждрепката се силни. Ќе биде тоа прекрасна пролет“.