Манчестер јунајтед и Бормут вчера одиграа спектакуларен натпревар кој заврши без победник 4-4, а по овој натпревар тренерот Рубен Аморим повторно е мета на критики.
Според табелата на Премиер лигата од моментот на неговото преземање на екипата, Јунајтед е дури на 14. место со освоени 53 бода на 43 одиграни натпревари. Во истиот период, од ноември минатата година, Арсенал собра 88 бодови, Манчестер сити и Ливерпул по 82, Астон Вила 80, а Челси 75. Тоа значи дека најголемите ривали имаат од 22 до дури 36 бода повеќе од „црвените ѓаволи“ по доаѓањето на Аморим.
Дополнително загрижувачки е податокот дека Јунајтед во тие натпревари во Премиер лигата прими дури 68 голови.
Кога станува збор за процентот на победи во лигата, Аморим бележи само 32 отсто што е најлош учинок во историјата на клубот, додека процентот на порази изнесува високи 42 проценти.
Уште пофрапантен е фактот што неговиот тим успеал да ја сочува мрежата само осум пати на вкупно 59 натпревари во сите натпреварувања.
„Не, не се согласувам дека немаме квалитет во одбраната. Потребно е како тим сите заедно подобро да се браниме, изјави Аморим по дуелот.
Англиските медиуми сè погласно го поставуваат прашањето дали Аморим е вистинскиот човек за Манчестер јунајтед, иако бројките јасно укажуваат дека станува збор за најлошиот тренерски учинок во клупската историја.