Бразилецот Игор Тиаго оваа сезона е едно од најголемите изненадувања во Премиер лигата каде блеска во дресот на Брентфорд и е втор стрелец зад Ерлинг Халанд.
Но, неговиот пат до врвот не бил ни малку лесен. Тиаго пораснал во скромни услови, го загубил татко му на 13 години и работел како ѕидар за да го издржува семејството, далеку од мисла дека ќе стане професионален фудбалер.
Талентот го однел во Крузеиро, а потоа и во Европа каде во 2022 година потпишал за Лудогорец. Наместо веднаш да бара место во првиот тим, Тиаго свесно започнал во вториот состав, подготвен да учи и да се адаптира. По четири натпревари и три гола добил шанса во првиот тим и ја искористил максимално со 16 гола на 34 меча. Неговата приказна е пример дека успехот доаѓа само со трпение и подготвеност да тргнеш од подолу. Тиаго го избра тешкиот пат.
Од втора лига во Бугарија до експресна промоција во првиот тим, па трансфер во Клуб Бриж, а потоа и до Премиер лигата каде денес има 11 гола на 22 настапи. Доказ дека фудбалот секогаш ги наградува оние кои работат напорно и не бегаат од предизвиците.