Денеска се играат два натпревари од 16. коло во Првата македонска фудбалска лига (ПМФЛ) кое е последно од есенскиот дел, Вардар гостува кај Македонија Ѓорче Петров, а Тиквеш во Кавадарци ја пречекува Струга.
По денешните натпревари ќе биде познато кој тим ќе влезе во пролетниот дел на првото место. Вардар е лидер со еден бод предност пред Струга.
Македонија Ѓорче Петров по трите последователни порази одигра нерешено кај Пелистер во Битол, тој бод им е импулс и надеж за подобри денови во наредниот период. Но, Вардар ќе влезе како фаворит во овој дуел и се освен победа на црвено-црните би било големо изненадување.
Голманот на Вардар, Давор Талески е свесен дека со победа ќе ја освојат „есенската титула“, вели дека нема да го потценат противникот.
„Свесни сме за ситуацијата во која што се наоѓаме. Знаеме добро што значи овој дуел за клубот, за нас како екипа, за навивачите, за сите. Затоа сме максимално подготвени. Нема дилеми дека во овој дуел ќе се влезе како да играме финале. Многу нешта зависат од овие деведесет минути. Не е важно што играме против Македонија ЃП. Исто ќе се однесувавме и да беше било кој друг тим. Овој Вардар покажа дека заслужува да биде на врвот, да биде лидер, да биде најдобар, затоа што во изминатите 15. Кола од оваа полусезона и беше тоа. Најдобар, лидер, покажа најмногу. Одиме денеска по победа па на заслужен одмор“, рече Талески.
Струга ќе чека кикс на Вардар, но за да искористи евентуален неуспех на црвено-црните, ќе мора и да победи во Кавадарци.
„Имаме серија победи, за која верувам дека ќе продолжи и во Кавадарци. Во моментов мислам дека сме најдобриот тим во лигата, па така, како и на секој друг натпревар, и против Тиквеш ќе играме за трите бода“, изјави фудбалерот на Струга, Стефан Јевтоски.
Тиквеш откако ја среди административната ситуација во клубот, почна да покажува успеси и на теренот, тие денеска не планираат лесно да ја продадат кожата на Струга.
„Да, јасно беше дека Тиквеш има далеку повеќе квалитет и капацитет како екипа од резултатите на почетокот. Ете, на крајот од есенскиот дел од шампионатот доаѓаме до посакуваните резултати и игри. Струга ТЛ е квалитетен тим, тим кој што е во топ три екипите во лигата, има многу што да понуди на терен, но имаме и ние. Подготвени сме во добар стил да ја завршиме полусезоната, и со уште повеќе бодови на контото да заминеме на одмор“, вели искусниот дефанзивец на Тиквеш, Даниел Мојсов.
Распоред 16. коло:
Петок
Македонија ЃП – Вардар
Тиквеш – Струга
Сабота
Башкими – Шкендија
Недела
Работнички – Силекс
Шкупи – Брера
Понеделник
Арсими – Пелистер
Сите натпревари се играат со почеток од 13 часот.
Табела: Вардар 39, Струга 38, Шкендија 33, Силекс 28, Башкими 22, Арсими 21, Тиквеш 18, Брера 16, Македонија ЃП 15, Пелистер 15, Работнички 7, Шкупи 1.