Фудбалерите на Сантос запишаа огромна победа од 3-0 против Жувентуде во претпоследното коло на Серија А и практично го обезбедија опстанокот. Херој на мечот беше Нејмар, кој постигна хет трик и го одигра најдобриот натпревар од враќањето во клубот.
По мирно прво полувреме, Сантос во продолжението одигра фантастично. Нејмар погоди во 56 минута по брза контра, во 65 минута по додавање на Игор Винисиус и во 73 минута од пенал. Иако игра со блокада поради повреда на менискусот, тоа не го спречи да блесне и да го предводи својот тим до клучни бодови во борбата за опстанок.
Сантос е 14 со 44 бода, два повеќе од Виторија, па во последното коло против Крузеиро му е доволен и бод. Тимот е непоразен на последните пет натпревари и токму таа серија го држи над линијата. Нејмар ја исполни мисијата во клубот што го изгради како фудбалер.