ФИФА разгледува воведување нови промени околу ВАР-системот, кои би можеле да бидат тестирани уште на Светското првенство 2026 во САД, Канада и Мексико, а потоа и да се прошират во домашните лиги, меѓу кои и Премиер лигата.
Еден од најдебатираните предлози е ВАР да може да интервенира при погрешно досудени корнери, бидејќи се смета дека ваквите грешки можат да го сменат текот на најголемите натпревари. Предлог е и да се овозможи преглед на вториот жолт картон, со цел да се избегнат неправедни исклучувања. За ова се разговара и на ниво на ИФАБ. Меѓународниот борд за фудбалски правила, а точката ќе биде на дневен ред на јануарскиот состанок.
На тековниот Арапски Куп на ФИФА во Катар се тестира и ново правило: играч кој добил медицинска помош мора да го напушти теренот две минути, освен ако притоа не претрпел прекршок за жолт или црвен картон. Целта е да се намали „глумата“ на повреди за губење време или за добивање тактички инструкции.
Менаџерот на Лидс, Даниел Фарке, неодамна го критикуваше токму тоа во Премиер лигата, алудирајќи дека Џанлуиџи Донарума „симулирал“ повреда за Пеп Гвардиола да може да дава насоки на своите играчи.
ИФАБ дополнително размислува и за правило со кое би се укинале головите од одбиени топки по промашени пенали. Доколку голманот го одбрани ударот, топката би била прогласена за „мртва“ и играта би продолжила без можност за повторен обид. Според поддржувачите на оваа идеја, пеналот и онака претставува доволна предност, а ваквата промена би спречила нерегуларни втрчувања во шеснаесетникот.
За каква било промена на правилата одлучува ИФАБ, кој е составен од четири национални сојузи (со по еден глас) и ФИФА (со четири гласа). За усвојување ново правило потребни се шест од вкупно осум гласови.
Сите можни измени што ќе бидат одобрени ќе стапат во сила на 1 јуни 2026 година, непосредно пред почетокот на најголемото Светско првенство во историјата.