Реал Мадрид вчера ремизираше со Жирон и тоа беше веќе трето коло во низа во кое избраниците на Алосно не победија со што го препуштија врвот на Барселона по 13 одиграни кола.
По ремито, од „кралскиот клуб“ жестоко удрија по судиската организација, убедени дека во последните натпревари биле оштетени за неколку пенали. Клупската телевизија на гигантот од Мадрид објави:
„Реал има четири бода помалку поради синовите на Негреира“.
Да потсетиме, во март 2023 година обвинителството во Барселона поднесе обвинение за корупција против Барселона и нејзините поранешни претседатели Жозеп Марија Бартомеу и Сандро Росел. Тие се товарат дека од 2001 до 2018 година му исплатиле вкупно 8,4 милиони евра на Жосеп Марија Енрике Негреира, поранешен потпретседател на шпанската судиска комисија, и на неговата компанија.
Од Барселона ги признаа уплатите кон компанијата:
„Средствата беа исплатени за ангажман како надворешен технички консултант. Тој ни подготвуваше видеокомпилации од настапите на судиите, кои ги користевме за анализа на нивниот стил и начин на водење натпревари, со цел подобро да ги подготвиме играчите. Ваквата практика е вообичаена меѓу професионалните спортски клубови“.
Токму на Негреира сега се повикува Реал, тврдејќи дека намерните судиски пропусти на нивна штета ѝ овозможиле на Барселона да се искачи на врвот
. По дуелот со Жирона, телевизијата остро го доведе во прашање работењето на судијата Де Бургос Бенгоечеа и одлуките на ВАР, убедени дека повеќе клучни ситуации не биле ниту разгледани, што директно влијаело врз конечниот резултат.
„Беше прекршок како куќа врз Винисиус, тука нема дилема. И кај Родриго ситуацијата е чист пенал, но Пулидо Сантана од ВАР собата не го алармираше Де Бургос Бенгоечеа. Исто така кај Мбапе, кога ја зголемивме снимката, јасно се гледа како Алекс Морено во шеснаесетникот го удира со левата нога во неговата лева нога.“