Ливерпул конечно победи и барем накратко излезе од лошата резултатска серија со триумф од 0-2 на гостувањето кај Вест Хем во 13 коло од Премиер лигата. Херој на „црвените“ беше Александер Исак, кој го постигна својот прв првенствен гол во дресот на клубот.
Домашните имаа солидно издание, но не создадоа ниту една вистинска шанса пред голот на Алисон. Ливерпул трпеливо чекаше и во 60 минута Исак го отвори резултатот. Вест Хем остана со играч помалку во финишот по исклучувањето на Лукас Пакета, а Коди Гакпо во 93 минута ја потврди победата. Тимот на Арне Слот сега има 21 бод и моментно е на осмата позиција.
Астон Вила славеше со 1-0 против Вулверхемптон со погодок на Бубакар Камара во 67 минута и повторно се искачи на третото место.
Победа запиша и Брајтон кој на гостувањето кај Нотингхем Форест славеше со 0-2 преку Максим Де Кујпер и Стефанос Цимас.