Фудбалерите на Тиквеш одиграа одличен натпревар во Струмица каде што славеа убедлива победа над Брера со 4-0.
Гостите од Кавадарци во текот на комплетните 90 минути беа подобриот тим на теренот и на крајот заслужено ги однесоа бодовите. Резултатот го отвори Ивановски во 14. минута, а веќе по нешто повеќе од половина час игра Стојанов се погрижи за 2-0.
Тоа беше резултатот и со кој се замина на полувремето. Во вториот дел Тиквеш продолжи со добрата игра, Стојанов го постигна и вториот гол, а во последните моменти беа поставени и конечните 4-0.
Овој пораз за Брера беше и продолжување на кризата бидејќи струмучкиот тим го запиша третиот пораз во низа и петтиот натпревар без триумф. Во тие пет натпревари Брера е со биланс од четири порази и едно реми. Тиквеш од друга страна го запиша вториот триумф во низа откако во минатото коло со истиот резултат го совлада и Башкими на свој терен.