Војчех Шчесни вели дека решил да ја прифати понудата на Барселона бидејќи бил привлечен само од идејата да настапува на „Камп Ноу“ и открива дека првата година играл беспари.
Полјакот во август 2024 го раскина договорот со Јувентус, и десет дена подоцна соопшти дека става крај на кариерата.
Сепак, на почетокот од октомври месец тој се врати од пензија откако на неговата врата тропна Барселона.
„Не дека ја загубив страста за фудбалот… едноставно не добив примамлива понуда. Имав неколку богати понуди, но не ми се играше само за пари“ – вели Шчесни.
„Три дена пред да соопштам дека одам во пензија, разговарав со Роберт Левандовски и му кажав дека повеќе немам желба да играм за ниту еден клуб… може да играм само за Барселона“.
„Па кога ми се јавија, очигледно имаа информации дека ќе можат да ме убедат“.
„Првата сезона во Барса играв беспари. Се што добив од Барселона, морав да му вратам на Јувентус за тоа што предвреме го раскинавме договорот“.
Кога се финализираа преговорите помеѓу Барселона и Војчех Шчесни, се шпекулираше дека Полјакот ќе треба на „старата дама“ да и плати околу 2 милиони евра доколку реши да се врати од пензија.