Британскиот бизнисмен Мајк Ешли повторно е во центарот на вниманието, откако „Телеграф“ објави дека понудил 20 милиони фунти за да го преземе Шефилд Венсдеј.
Клубот е во ликвидација и се наоѓа во тешка ситуација, со големи изгледи следната сезона да се натпреварува во третата англиска лига. Во Чемпионшип сезонава моментално има 19 бодови помалку од Оксфорд, тимот што е прв над цртата.
Шефилд Венсдеј се соочува со сериозни финансиски проблеми поради кои му беа одземени 12 бодови. Станува збор за еден од најстарите клубови во Англија, формиран во 1867 година, со богата историја што ја красат четири титули во домашното првенство и три освоени трофеи во ФА Купот. Последниот голем успех тимот го запиша во 1991 година кога во финалето од Лига купот со 1-0 го совлада Манчестер Јунајтед.
Ешли, кој има 61 година, беше сопственик на Њукасл цели 14 сезони. Клубот го продаде во 2021 година на инвеститорски конзорциум од Саудиска Арабија и сега е подготвен за нов предизвик во англискиот фудбал.