Македонската фудбалска јавност денеска ги дозна противниците во баражот за пласман на Мундијалот и во полуфиналето нашата репрезентација ќе оди на мегдан со Данска, а дури и во случај на пораз, ќе мора да настапи во уште еден, практично бесмислен натпревар.
Според распоредот, полуфиналето се игра на 26 март, а пет дена подоцна е закажано финалето. Истовремено, ќе се одигра и дуелот меѓу двете селекции што ќе загубат во полуфиналните пресметки, натпревар кој нема да носи ниту бодови, ниту друга некаква корист на репрезентациите.
Причината е административна: ФИФА мора да го исполни договорот за ТВ-правата и е обврзана секој репрезентативен циклус да испорача одреден број натпревари. Затоа се игра т.н. утешителен дуел за „трето место“. Ваква практика имаше и во претходниот бараж, кога Македонија ја елиминираше Италија, а „азурите“ отпатуваа на утешителен меч против Турција.
Нашата репрезентација повторно ќе игра на гостински терен, прво против Данска, а доколку триумфира, во финалето ќе се соочи со Чешка или Ирска, исто така на гости.