Последната контрола пред настапот на најважниот натпревар во оваа година заврши без голови. Избраниците на селекторот Благоја Милевски посакуваа триумф, но за жал не успеаа да ја затресат мрежата на Летонците.
По ремито својот став го сподели стоперот Андреј Стојчевски кој го анализира одиграното.
„Секако, постои разочараност во нашиот табор затоа што не победивме вечерва, бидејќи на секој меч одиме на победа. Теренот е ист и за двете селекции така што не треба да служи како изговор. Во дефанзивата добро функциониравме, сепак ни недостигаше тој гол, таа офанзива. Ништо, што е тука е, одиме во Велс да покажеме што знаеме, да покажеме дека ништо не е случајно, да победиме и да го обезбедиме тоа второ место во групата. Атмосферата во националниот тим е добра и како што реков, одиме на победа во Кардиф. Се надевам дека ќе се вратиме со три бода”, изјави Стојчевски.
Македонија ја очекува патување во Кардиф и клучниот меч во квалификациите за Светското првенство против Велс.