Српскиот напаѓач Лука Јовиќ откри дека по престојот во Милан почувствувал психичка исцрпеност и свесно решил да се оддалечи од најсилните европски лиги. Токму затоа, ова лето избра нов почеток во грчкиот АЕК.
Во интервју за српските медиуми, Јовиќ призна дека првиот повик од тренерот Марко Николиќ бил доволен за да ја прифати идејата да замине во Атина и да игра во лига која, иако не е меѓу најсилните, му нуди стабилност, натпреварувачки ритам и пред сè мир.
„Летово првпат во кариерата имав можност да бидам слободен играч и можам да кажам дека тоа малку ми се допадна, бидејќи имав живот без размислување кога почнуваат подготовките и кога ќе морам да тренирам и да се подготвувам. Поради последната сезона во Милан бев малку психички уморен, затоа што работите не одеа по очекуваниот тек. Потоа се нормализираше, почнав да играм, имав и операција, така што зад мене остана напорна сезона во психолошка смисла. Потоа се слушнав со Марко, секако дека како слободен играч имав повеќе понуди, но ниту за една не почувствував дека е вистинската. Искрено, ги избегнував лигите на големата петорка, сакав малку да се тргнам, да се одморам од сè и кога ме повика Николиќ, само ми кликна во главата дека тоа е тоа. Брзо се договоривме“, изјави Јовиќ.
Дел од фудбалската јавност смета дека Јовиќ повеќе не е играч за највисокото ниво, додека други гледаат на неговиот потег како обид да се врати на старите патеки преку нова средина и свеж почеток.