Македонскиот шампион Шкендија синоќа беше на чекор до голема победа во Конференциската лига, но ја испушти во последните моменти од мечот, откако прими погодок во десеттата минута од судиското продолжение.
Тетовскиот клуб беше на прагот да ги освои трите бода кои ќе ги приближеа до пласман во нокаут фазата, но несреќниот гол во самиот финиш му одзеде не само вредни бодови, туку и сериозна финансиска добивка.
Доколку Шкендија го добиеше натпреварот, на клупската сметка ќе легнеа 400.000 евра, колку што изнесува премијата за победа во Конференциската лига. Наместо тоа, клубот ќе инкасира 133.000 евра за освоено реми, што значи дека тетовци останаа покуси за 267.000 евра.
И покрај разочарувањето, бодовите кои ги собира Шкендија имаат големо значење за рејтингот на македонскиот клупски фудбал, кој директно влијае на бројот на претставници во европските натпреварувања.
Во следната сезона Македонија ќе има три екипи во Европа, но со резултатите на Шкендија од оваа кампања, веќе е извесно дека во сезоната 2026/27 повторно ќе имаме четири претставници на европската сцена.