Башкими без прв тренер ќе го предизвика Арсими во Гостивар

by 24 фудбал
1 минути читање

Арсими ќе го дочека Башкими во натпревар од 12. коло на Првата македонска фудбалска лига во Гостивар. Овој меч ќе биде официјално отворање на вториот од трите круга во македонското првенство.

Во пресрет на натпреварот против ривалот од Куманово, своите очекувања ги сподели Албан Таипи.

Очекуваме едно вистинско дерби. Играме против квалитетен тим кој има свои доблести, но ние сме подготвени и ќе дадеме се од себе за да го задржиме позитивниот ритам. Работевме напорно во текот на неделата и верувам дека со вистински пристап можеме да дојдеме до нова победа пред нашата публика”, изјави Таипи.

Фудбалерите на Башкими без главен тренер влегуваат во натпреварот со Арсими, откако беше прекината соработката со Муарем Муарем, а не беше назначен неговиот наследник. Мечот во Гостивар го најави Недим Хоџиќ.

Одиме на натпреварот најподготвени што можеме. Фокусирани сме на остварување на нашата цел, а тоа се 3 бода. Иако имаше промена на тренер, атмосферата во тимот е на одлично ниво. Сите играчи се подготвени и едвај чекаат да почне натпреварот. Сите сакаме да ги израдуваме нашите навивачи и со Божја помош, конечно да прославиме“, изјави Хоџиќ.

Пресметката меѓу Арсими и Башкими ќе се одигра на „Градскиот стадион“ во Гостивар во терминот од 13:30 часот.

Можно е и ова да ти се допаѓа

×