Вардар и Силекс – дербито повторно го има сјајот како во старите времиња

by riste
1 минути читање

Денеска од 17 часот на „Градски“, Вардар го пречекува Силекс во дерби натпревар од Првата македонска фудбалска лига (ПМФЛ) со кој се затвора колото.

Вардар со победа ќе се врати на лидерската позиција на табелата на која вчера повторно се качи Струга.

„Ние веруваме во нашата способност да одиме на победа на секој меч. Тоа значи и за овој против Силекс. Респект за противникот, одлично ја стартуваше сезоната, но ова е Вардар. Ние, сите кои што сме дел од клубот во моментов мора да ни е јасно дека овој тим на секој меч мора да оди на победа и дека титулите и пехарите овдека мора да се константа. Победата ќе ни го остави првото место на табелата во наши раце, нешто што е примарна цел секако“, вели Филип Ивановски.

Силекс доколку направи изненадување и победи денеска, бодовно ќе се изедначи со Вардар.

„Ние на овој натпревар влегуваме во позитивна серија, исто и Вардар, и очекувам да биде интересен и квалитетен натпревар. Се враќа старото дерби, двата тима сега се во борба за врвот. Добро се познаваме меѓусебно. И Силекс и Вардар имаат квалитет, и заслужено се во горниот дел на табелата. Очекуваме тежок натпревар, во кој мораме да се надминеме себе си за позитивен резултат. Психолошки и физички сме подготвени за овој предизвик, и сметам дека ако бидеме на нивото и ако имаме добар ден, можеме да го изненадиме Вардар“, рече тренерот Васоски за официјалниот сајт на ФФМ.

Можно е и ова да ти се допаѓа

×