Денеска со почеток од 13:30 часот на стадионот во Тетово ќе се одигра големото дерби меѓу Шкендија и Вардар, овојпат во битна за врвот.
По девет одиграни натпревари двете екипи собраа по идентични 21 бод. Победникот од денешниот натпревар ќе се искачи на врвот откако Струга направи голем кикс против Брера и го загуби тој меч. Во случај на реми, стружани ќе останат на првата позиција.
Шкендија во денешниот меч влегува по историската победа во Конференциската лига која можеби ќе влијае на нивната самодоверба.
„Зад нас е историски натпревар во Европа, а после победата бевме многу среќни. Сепак, фудбалот не завршува туку веднаш мораме да се фокусираме кон следните предизвици. Сега на ред е мечот со Вардар, и затоа немаме многу време за славење. Мораме да се фокусираме кон следниот предизвик, а следниот меч за нас е дерби. Вакви дербија мора да се добијат, и ние сме максимално подготвени. Шкендија има амбиции да биде шампион, и кога тоа е целта, тогаш мора на секој натпревар императив да ни бидат трите бода. Што се однесува до дербито, само ќе кажам дека вакви дербија не се играат, туку се добиваат“, рече Зејнулаи.
Вардарци имаа повеќе време за одмор, а дефанзивецот Мислав Матиќ се надева дека тоа ќе го искористат.
„Нормално дека дуелот против Шкендија на гостински терен со актуелниот првак и учесникот во групната фаза од Лигата на Конференции е голем предизвик. Шкендија има квалитет, тука нема дилеми. Затоа, може слободно да се каже дека на ваков дерби натпревар, мора да си двојно по концентриран, двојно по агресивен и многу побрз за разлика од некои полесни мечеви, ако воопшто има такви. Ние секако ќе дадеме се од себе за да дојдеме до позитивен резултат, тука бидете сигурни. Дали ни оди во прилог тоа што Шкендија игра во Европа? Да, мислам дека ни оди. Имаат густ распоред, многу мечеви, но да напоменам, ние премногу и не се оптоваруваме со противникот. Знаеме што треба да направиме за да дојдеме до добар резултат во Тетово, и токму тоа ќе го сториме“, вели Матиќ.