Првиот натпревар помеѓу Вардар и Шкупи заврши нерешено 1-1, па тимот од Чаир се надеваше дека со победа на свој терен на кој пред извесен период веќе ги совладаа „црвено-црните“ ќе се пласираат во четвртфиналето.
Но, ФФМ одлучи дека на Чаир нема услови за игра, па натпреварот против Вардар Шкупи ќе го игра во Ѓорче Петров.
„Денеска на стадионот на Шкупи беа официјални лица од ФФМ кои ја проверуваа моменталната ситуација на теренот кои во изминатите денови се обидувавме да го поправиме колку што можеме. Но официјалните лица на ФФМ не дадоа зелено светло да се игра натпреварот на нашиот терен, со образложение дека не ги исполнува условите, како единствена алтернатива беше посочен стадионот во Ѓорче Петров кој според нас нема подобри услови од Чаир“, стои во соопштението на Шкупи.
„Не ни дадоа да бираме терен, па мораме да го играме натпреварот на стадионот во Ѓорче Петров. Со ова ФФМ уште еднаш покажува дека за некои тимови е мајка, за други маќеа“.
Мечот помеѓу Шкупи и Вардар се игра во недела со почеток од 13 часот.
И првиот натпревар помеѓу Вардар и Шкупи се играше на стадионот во Ѓорче Петров. Победникот од двобојот во четвртфиналето ќе игра против Шкендија.