Фудбалерите на Шкендија со минимални 0-1 славеа на гостувањето кај Работнички во Скопје во заостанатиот натпревар од четвртото коло во ПМФЛ. Тимот од Тетово дојде до нова важна победа, иако не блескаше со играта, што го потврди и стратегот Јетон Беќири.
Тренерот по мечот истакна дека резултатот е позитивен, но играта не го задоволува.
„Задоволен сум од резултатот и победата, но не и од текот на натпреварот, особено во првиот дел. Во одредени моменти преземавме непотребни ризици и голманот нè задржа во игра. Нема да зборувам за замор, туку за моментите во кои не бевме добри. Не бевме доволно посветени, не игравме како што се договоривме и планиравме. Верувам дека ова е привремено, но се надевам дека и во периодот кога не сме најдобри ќе победуваме. Шкендија е многу квалитетен тим и никој не смее да се сомнева во нас. Во овие моменти ни е потребна поддршка. Домашното првенство не може да се споредува со другите фронтови. Во Европа перформансот е целосно поинаков, а и желбата е огромна. За нас во моментов најважно е сериозно да ги разгледаме проблемите и играчите кои не се во форма да ги вратиме. Се надевам дека набргу Шкендија ќе почне пак да победува со добра игра“, изјави Беќири.
Шкендија со пет победи и две ремија досега има освоено 17 бода и се наоѓа на врвот на табелата со одлична позиција во првенството.