Шкендија запиша нова победа во Првата македонска лига, овојпат на гостувањето кај Работнички во заостанатиот меч од четвртото коло. Тетовчани славеа со минимални 0-1 на теренот „Петар Милошевски“ и ги освоија посакуваните три бода.
Натпреварот помина во мирно темпо и без многу возбудувања во првото полувреме, а Работнички беше нешто поактивен на стартот. Во второто полувреме „романтичарите“ имаа две добри шанси преку Енианг, но недостигаше завршница. Шкендија поведе во 67. минута преку Фабрис Тамба, а голот беше потврден по ВАР-проверка.
До крајот Работнички притискаше и преку младиот Трајков имаше голема можност за израмнување, но голманот Гаје блескаше и ја сочува мрежата.
Со овој триумф Шкендија ја запиша петтата победа сезонава и со 17 бода е на два од лидерите Струга и Вардар. Работнички останува на само четири освоени бода и се наоѓа на претпоследното место на табелата.