Пресметка за важни прволигашки бодови, Брера домаќин на Арсими

by 24 фудбал
2 минути читање

За крај на седмото коло на Првата македонска фудбалска лига ќе се одиграат два натпревари. Силекс ќе биде домаќин на Струга во дербито во Кратово, а вториот меч ќе се одигра во Струмуца.

Брера ќе биде домаќин на Арсими во дуел за важни бодови во трката за опстанок. Од редовите на струмичкиот прволигаш имаат респект за новајлијата во лигата, а натпреварот го најави Миле Тодоров.

Имаме млад и полетен тим, фудбалери кои имаат желба за докажување и можеби во одредени моменти ни недостасува тоа искуство неопходно за освојување бодови. Но, тоа се стекнува со настапи и со нови предизвици, а сега го пречекуваме Арсими пред нашата публика. Искрено, размислуваме за трите бода, затоа што веруваме во сопствените квалитети. Противникот има добар состав, максимално ги респектираме, но нашата цел е да ги освоиме трите бода. Ако одиграме тимски и ги исполниме задачите на стручниот штаб, верувам и дека на крајот ќе славиме“, изјави Тодоров.

Aрсими оди во Струмица со променлива форма, бидејќи пред две кола убедливо слави во Битола против Пелистер, а потоа претрпе висок домашен пораз од Вардар. Средбата со Брера ја најави Џемил Јахији кој кажа:

По поразот дома од Вардар, сакаме јавно да им се извиниме на публиката и на сите наши верни навивачи кои не поддржуваат на секој натпревар. Знаеме дека очекувањата беа големи и дека тој пораз донесе разочарување, но како екипа решени сме да дадеме се од себе на теренот за да постигнеме подобри резултати. Против Брера ќе влеземе мотивирани и со единствена цел – позитивен резултат. Ветуваме дека ќе се бориме до крај на секој натпревар, за да последниот пораз остане само заборавено минато. Благодариме за поддршката и довербата, одиме по победа и нови три бода“.

Натпреварот меѓу Брера и Арсими се игра на стадионот „Благој Истатов“, со почеток во 15:30 часот.

Можно е и ова да ти се допаѓа

×