Скопско дерби на „Градски“: Вардар сака нова победа над Работнички

by 24 фудбал
2 минути читање

Фудбалерите на Вардар ќе го дочекаат Работнички во дербито на седмото коло на Првата македонска фудбалска лига.

Во вечерен термин, под рефлекторите на „Градски“ и со можност за солидна посетеност и услови за добар натпревар. Вардар со сигурност е фаворит против градскиот ривал, меѓутоа ниту Работнички веројатно нема лесно да се предаде.

Пред натпреварот своите очекувања за она што следува ги изнесе Димитар Тодоровски. Поранешниот ас на „романтичарите“ сега е еден од главните играчи на вардарци и оптимистично гледа на средбата.

Пред ваквите дуели нормално е да се каже дека го респектираме противникот, кој секако има свој квалитет, дека ќе дадеме сè од себе на теренот и дека посакуваме победа. Работнички е тим со квалитетни и искусни играчи, а има и неколку активни младински репрезентативци, што не е за потценување. Од друга страна, ние не само што поседуваме несомнен квалитет, туку периодов и играме добро. Против Арсими имавме и тоа како добар ден, посакувам истото да се повтори и денес. Вечерен термин, арена, добар терен, публика, нормално е секој да сака да биде дел од овој дуел. Конечно, ние сме Вардар, а во овој момент, во оваа лига, Вардар се прашува. Одиме на три бода и на славје со нашите навивачи“, изјави Тодоровски.

Освен него, од таборот на гостинската екипа очекувањата ги сподели младинскиот репрезентативен голман Васко Василев.

Дуелите меѓу Работнички и Вардар секогаш носат дополнителна возбуда. Атмосферата во нашиот тим е на високо ниво по триумфот над Пелистер и сега сите мисли се насочени кон дуелот со Вардар. Го респектираме максимално Вардар, тоа е најтрофејниот македонски клуб, но веруваме дека можеме да одиграме добар натпревар и да оствариме позитивен резултат. Мечот се игра во вечерен термин, што е убава покана и за гледачите да дојдат во голем број, а ние ќе се потрудиме да им приредиме добар фудбал“, изјави Василев.

Натпреварот меѓу Вардар и Работнички на нашиот најголем стадион се игра во терминот од 20:00 часот.

Можно е и ова да ти се допаѓа

×