Мато со хет-трик донесе триумф за Вардар, Работнички лесно го преслуша Пелистер

by 24 фудбал
1 минути читање

Фудбалерите на Вардар убедливо славеа на гостувањето кај Арсими (1-4) во рамките на шестото коло на ПМФЛ. Скопскиот тим кој во Гостивар играше во бела опрема предводен од фантастичниот Роџерс Мато стигна до висок триумф.

По само десет минути игра на „Градскиот стадион“ во Гостивар резултатот го отвори Мато. Следуваше мирен период, а потоа и уште два гола за вардарци набрзина. Во 29. минута Мислав Матиќ со глава реализира по асистенција на Кастадења, а шест подоцна Мато и вторпат стрела за 3-0.

Во вториот дел продолжи добрата игра на Вардар, па својот хет-трик го комплетира Роџерс Мато. Потоа следуваше период кој им припадна на домаќините, особено по исклучувањето на Филип Најдовски. Арсими постигна почесен гол преку Рамадани од слободен удар за конечните 1-4.

Сигурен триумф забележа и Работнички против Пелистер со 3-0 на Арената „Тодор Проески“. Ова беше прва победа за „романтичарите“ во новата сезона, а пелистерци врзаа две убедливи со гол-разлика од 0-7.

Резултатот во Скопје го отвори Флориан Кадриу кој во 31. минута доби топка низ одбраната и лесно го матира гостинскиот голман. Пред полувремето на 2-0 зголеми Димитар Трајков со убав гол откако ја претрча одбраната на пелистерци. Вториот дел донесе нешто подобра игра за битолчани, меѓутоа точка на победата стави Кадриу кој пред завршницата погоди по асистенција од Трајков.

На табелата Вардар е на делба на првото место со Струга со по 16 бода, Пелистер има шест на седмата позиција, осмопласиран е Арсими со пет, а Работнички со првата победа стигна до четири бода на претпоследното место.

Можно е и ова да ти се допаѓа

×