Македонскиот фудбалер Матеј Цветаноски се најде меѓу стрелците во големиот пресврт на Железничар против Борац Бања Лука во седмото коло од Премиер лигата на Босна и Херцеговина. Сараевскиот тим славеше со 3-2 иако на полувремето губеше со 0-2.
Цветаноски влезе од клупата на стартот на второто полувреме и во 83. минута постигна спектакуларен погодок за израмнување. Македонецот доби топка на левата страна, со серија дриблинзи се ослободи од противничките дефанзивци и од тежок агол прецизно биеше за 2-2.
Ова е негов прв гол во новата сезона во дресот на Железничар, а минатата сезона ја заврши со четири постигнати погодоци.