Маурисио Покетино и понатаму инсистира дека никогаш нема да прифати понуда од „Камп Ноу“, и додава дека Еспањол е понезависен и покаталонски тим од Барселона.
Маурисио Покетино пред неколку години крена многу прашина со својата изјава дека попрво ќе работи на неговата фарма во Аргентина, отколку да биде тренер на Барселона.
Стратегот во емисијата „Ел Чирингито“ сега се потсети на оваа фамозна фраза и вели дека неговиот став се нема променето.
„Фразата „Попрво ќе работам на мојата фарма во Аргентина, отколку во Барса“ се уште звучи добро, така?“ – вели Маурисио Покетино, кој играше за Еспањол од 1994 до 2001 година и од 2004 до 2006, а беше и тренер на клубот од 2009 до 2012.
„Целосно се идентификувам со Еспањол, максимално сум поврзан со овој клуб. Луѓето ми велат, „почекај, прво да видиме дали Барселона ќе ти достави понуда, па ќе видиме што тогаш ќе кажеш“. Но ништо нема да се промени, никогаш нема да бидам тренер на Барселона“.
Тој потоа го критикуваше клубот од Камп Ноу за мотото „повеќе од клуб“.
„Не сакам да навредам никого, но што значи мотото „повеќе од клуб“? Се наметнува непотребна доктрина за сите деца. Сметам дека Барса греши со ваквиот пристап. Секој клуб има своја култура, Барселона е огромен клуб, но јас не наседнувам на она што сакаат да го продадат во јавноста“.
Аргентинецот потоа продолжи со нападите: „Еспањол е понезависен и покаталонски тим од Барселона, далеку покаталонски настроен од Барселона“.