Шкупи и Вардар го отвораат новото коло од Првата лига

by riste
2 минути читање

Шкупи на стадионот во Струмица со почеток од 16:30 часот ќе го пречека Вардар во меч од четвртото коло во Првата македонска фудбалска лига (ПМФЛ), натпреварот ќе се игра пред празни трибини.

Вардар по киксот против Брера на Градски во Скопје, сака да се рехабилитира со победа против Шкупи.

„Пред сè, мислам дека нè очекува тежок меч. Шкупи е Шкупи, и во каква и да е ситуација да се наоѓа, тој секогаш е сериозен ривал за нас. Ние сме фокусирани единствено на едно, победа. Ако бидеме на нивото на кое знаеме, бодовите ќе дојдат сами по себе. На последниот меч не бевме на потребното ниво и одигравме неочекувано 2:2 на домашен терен со Брера, па сега мислите ни се насочени единствено кон победа. Направивме анализа, увидовме каде грешиме и денеска ќе се обидеме да се поправиме. Ние сме Вардар, се знае што значи тоа, па дуел со Шкупи или со било кој друг противник не менува премногу. Нема да биде лесен меч, но нашиот квалитет мора да се покаже на секое излегување на терен,“ изјави бекот на Вардар, Михаил Маневски за ФФМ.

Шкупи се надева дека токму против ривалот Вардар ќе дојде до првите бодови оваа сезона.

„Поразите дојдоа како резултат на одредени проблеми кои сега се надминуваат. Во последните недели се подготвувавме максимално. Натпреварот против Пелистер беше голем тест за нас, но и покрај тоа што упорно баравме победа, среќата не беше на наша страна. Сето тоа го оставаме зад себе, бидејќи пред нас е мечот Вардар. Работиме само за позитивен резултат, сè друго за нас би било разочарување. „Натпреварите против Вардар секогаш имаат посебна тежина за нас. Го анализиравме противникот од сите аспекти и не би издвоил ниту еден конкретен играч како најголем ризик. Како што реков и претходно, нè интересира единствено победа. Не е важно кој е пред нас, бидејќи играме условно дома“, вели капитенот на Шкупи, Сухел Мухареми.

Можно е и ова да ти се допаѓа

×