Екипата на Тиквеш ќе ја отвори сезоната во Првата македонска фудбалска лига против Работнички.
Кавадарчани со доста изменет состав ја дочекуваат новата сезона, откако во клубот пристигна турска сопственичка структура. Доста интернационалци се вратија во мак-фудбалот и потпишаа со Тиквеш, а еден од староседелците ќе биде Александар Мишов. Тој за сајтот на Фудбалската федерација на Македонија ги сподели очекувањата.
„Сите знаеме дека со доаѓањето на новиот сопственик на клубот, Осман Таш, амбициите на ФК Тиквеш се далеку посериозни. Како на организациски план, така и на резултатски. Минавме одличен главен дел од подготовките во Турција, имавме и повеќе од доволно време да се воиграме, новите играчи да се адаптираат на средината, градот, клубот и мислам дека сме на добар пат. Тиквеш како клуб, а тука пред се мислам на управата, стручниот штаб и играчите на почетокот на подготовките си поставивме јасна цел. Да сме подобро пласирани на табелата од минатата сезона. Од она што летово го видов, а и го одработивме, јас сум оптимист. Мислам дека Тиквеш има квалитет да биде на местата на табелата кои што водат во Европа. Но, одиме чекор по чекор.
Голем респект за тимот на Работнички. Сите знаеме за каков клуб станува збор. Ќе сториме се за бодовите да останат во Кавадарци. И за нас како клуб, но пред се за нашите верни Лозари, кои го заслужуваат тоа“, изјави Мишов.
Средбата меѓу Тиквеш и Работнички се игра во терминот од 17:30 часот.