Шкупи загуби со 6-1 во Турција против Анталијаспорт, а овој натпревар поради повеќе причини фрли сомнеж во јавноста дека е наместен, вклучен е и алармот во Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ).
Пред неколку дена Арсими одби да игра натпревар со Шкупи откако дознале дека чаирскиот клуб планира да го намести, сакајќи да игра со помлад тим и да загуби со пет голови разлика.
По овој Скандал реагираше и навивачката група на Шкупи, Шверцери која го обвини раководството дека си игра со традицијата на клубот и го злоупотребува за личен профит местејќи натпревари.
Но, сето ова не му пречеше на Шкупи со крпен состав да отиде во Анталија и да загуби со 6-1. Пораз од пет гола разлика и „седум плус“.
Има гласини дека се уплаќале големи пари во обложувалници на Далечниот Исток.
ФФМ отвори постапка, собира информации за сомнителниот натпревар на Шкупи и доколку има доволно докази се очекува да има и реакција од државните институции, нешто што бараа и фановите на Шкупи во нивната реакција.
Летово и преодниот рок на Шкупи е сомнителен, во клубот пристигнаа повеќе играчи од германски нисколигаши, што предизвика незадоволсто кај навивачите на чаирскиот тим.