Веќе некое време кон Шкупи се упатуваат многу критики и сомнежи за местење на натпревари, а чаирскиот тим загуби со 6-1 на пријателски меч против Анталијаспор кој се играше во Турција.
На 30 јули требаше да се игра меч меѓу Шкупи и Арсими, но не се одигра откако противникот на чаирскиот тим дознал дека има големи уплати за пораз на клубот од Чаир со пет или повеќе разлика.
Поради сомнежите кои ги имаат Арсими одбија да настапат, а потоа навивачката група на Шкупи, „Шверцери“ излезе со обвинувања против поранешни и сегашни функционери на клубот за местење на натпревари и користење на клубот за личен профит.
Навивачите на Шкупи алармираа дека клубот ќе замине во Турција каде ќе одигра сомнителен натпревар и побараа реакција од институциите, но и покрај тоа клубот очигледно ја остварил мисијата.
Шкупи загуби со 6-1 од Анталијаспор, мечот заврши и „седум плус“ и чаирскиот клуб загуби со пет голови разлика. Наводно големи суми биле уплаќани на Далечниот Исток.
Како дел од сомнежот дека мечот не е чист се и информациите дека Шкупи во Анталија однел само 14 фудбалери кои патувале во три одделни групи.
По овој резултат сигурно ќе следат нови реакции на навивачите на Шкупи кои засега гледаат како новите сопственици си погруваат со традицијата на нивниот клуб.
Фото: Facebook/FC Shkupi