Фудбалерите на Шкендија се радуваа со 2-1 против ТНС во првото претколо на Лигата на шампионите. Тетовчани дури по продолженија го исфрлија велшкиот ривал од квалификациите за елитното натпреварување.
Оваа победа за Шкендија значи многу, бидејќи им обезбедува долго европско лето. Пласманот во второто коло од квалификациите за Лигата на шампионите значи дека при елиминација од ФЦСБ тимот би се преселил во Лигата на Европа, а дури и при неуспех таму се оди директно во баражот за Конференциската лига.
Освен што се на чекор од историски пласман во групна фаза на едно европско натпреварување, во Тетово „тријат раце“ и на финансиски план.
Со пласманот во второто коло Шкендија ќе заработи вкупно 700.000 евра само од Лигата на шампионите. Потоа следуваат уште 550.000 евра за третото коло на Лигата на Европа, а дури и при пораз во плеј-офот за Конференциската лига се заработуваат уште 460.000 евра.
Збирно Шкендија може да стигне до сумата од 1,7 милиони евра само од УЕФА, без тука да се пресметаат спонзорските договори, продадените билети и ТВ правата.