Поранешниот напаѓач на Јувентус, Дарко Ковачевиќ смета дека Душан Влаховиќ треба да го напушти клубот и да си ја побара среќата на друго место.
Јувентус е подготвен да се ослободи од Влаховиќ, но српскиот напаѓач не сака да замине поради големите пари кои ќе ги земе ако ја заврши оваа сезона.
Тој е подготвен да си уништи една сезона од кариерата за некој милион евра повеќе, а притоа е нејасно во каква форма би бил наредната сезона ако оваа не игра.
Дарко Ковачевиќ кој во моментов е спортски директор на Олимпијакос, го советува Влаховиќ да го напушти Јувентус.
„Би му кажал на Душан да си замине. Не е лесно да го напуштите Јуве, и го велам тоа од лично искуство“, вели Ковачевиќ.
„Како и да е, понекогаш треба да се предизвикате себеси повторно за да бидете среќни и да достигнете врвно ниво. Некој како Влаховиќ треба да биде секогаш стартер без разлика дали во Јувентус или на друго место“.
„Ние во Олимпијакос не можеме да си го дозволиме, но Милан или Манчестер Јунајтед би биле добра опција за Душан“.