Најтрофејниот македонски фудбалски клуб Вардар ќе продолжи да има силна поддршка од компанијата „Новоматик“, која потврди дека ќе остане генерален спонзор и во претстојната сезона.
Австриската компанија, која пред една година влезе во партнерство со клубот, според претходниот договор вложи околу еден милион евра за една сезона.
Минатата сезона донесе позитивни поместувања за „црвено-црните“, тимот не само што конечно почна да ја надминува финансиската криза, туку успеа и да го освои трофејот во Купот на Македонија, што му обезбеди пласман во квалификациите за Конференциската лига.
Првата европска пресметка Вардар ќе ја има против тимот на Ла Фиорита. Натпреварот ќе се одигра в четврток, на 10 јули, додека реваншот е закажан една недела подоцна.