Проблем за Хрватска: На 40 дена пред ЕП се повреди еден од најважните фудбалери во составот на Далиќ

by Стефан
2 минути читање

Никола Власиќ, еден од најважните фудбалери во репрезентацијата на Хрватска се повреди на само 40 дена пред Европското првенство и предизвика загриженост во својата земја.

Власиќ се повреди во вчерашниот натпревар помеѓу Торино и Болоња кој заврши без победник 0:0. При еден трк Власиќ се фати за десната препона и легна на тревникот, па тренерот Иван Јуриќ мораше да реагира и да го замени.

Изјавата на Јуриќ по натпреварот само дополнително ги загрижи Хрватите. Според неговите зборови, Власиќ веќе подолго време игра со болки.

„Власиќ е пример како се бори за својот тим. Веќе два месеци игра со болка во препоните, но и покрај тоа никогаш не застанува. Денеска имаше поголеми проблеми и мораше да застане. Но, морам да му се заблагодарам за придонесот кој го дава за тимот“, изјави Јуриќ.

Интересно, Власиќ во овој период ги одигра сите осум натпревари за Торино. Кога е комплетната сезона во прашање одигра 35 натпревари на кои постигна три гола и подели две асистенции.

Во дресот на репрезентацијата на Хрватска одигра 55 натпревари во кои беше стрелец на осум гола, додаде и три асистенции. На Светското првенство во Катар настапи на шест од седум натпревари. Очекувањата, секако ако биде подготвен се да биде еден од поважните играчи за Далиќ и на претстојното Европско првенство во Германија.

Можно е и ова да ти се допаѓа

@2024 – Сите права задржани