Каменица Саса за хаосот го обвини голманот на Скопје: Прво пцуеше и навредуваше, па нападна наш член на управата! (ВИДЕО)

by Стефан
3 минути читање

Вчерашниот натпревар од Втората македонска фудбалска лига помеѓу Каменица Саса и Скопје не го дочека својот крај и беше прекинат на 20-тина минути пред крајот.

Судиите на средбата одлучија да ги испратат фудбалерите во соблекувалната откако заклучија дека нема услови натпреварот да продолжи, а причина беше инцидентот кој се случи во близина на теренот.

Од тимот на Каменица Саса денеска се огласија со соопштение во кое тврдат дека инцидентот го предизвикал резервниот голман на Скопје, Гоце Јончев.

„ФК Каменица Саса го осудува секое насилство на фудбалските натпревари. Во досегашната 56 годишна фудбалска историја во Македонска Каменица немало прекин на натпревар поради настанат инцидент. Сите гостински екипи, секогаш биле пречекани домаќински и достоинствено.

Иницијатор на вчерашниот инцидент беше гостинскиот играч – резервен голман, Гоце Јовчев, кој што најпрвин од резервната клупа направи вербален напад врз двајца наши фудбалери. За истото од страна на главниот судија Гоце оправдано добива црвен картон.

На излегување од резервната клупа, на пат кон соблекувалните, исклучениот играч, почна вербално со погрдни зборови, пцовки и покажување на срамни и недолични гестикулации да ги навредува чесните навивачи на ФК Каменица Саса, кои беа собрани надвор од заградениот дел на стадионот, на надворешната страна на оградата.
Понатаму, Гоце продолжи со навредите, и истиот физички нападна член на управата на ФК Каменица Саса (кој официјално беше пријавен кај делегатот за присуство на натпреварот), кој што во обид да го смири Гоце, во неговото однесување, беше физички нападнат од страна на Гоце…

Во понатамошно дивеење, Гоце Јовчев го зеде корнер знаменцето, и со острото шило од истото, се обиде да ги нападне присутните редари и да им нанесе физички повреди (момент кој се гледа на видеото во прилог).

Во целата ситуација, настанатиот инцидент беше на просторот пред соблекувалните, надвор и далеку од теренот за игра. Од овие причини, немаше никаков основ натпреварот да биде прекинат.

Официјалните лица од ФК Скопје (претседателот и останатите членови од управата и клубот) неоправдано ги повлекоа своите играчи од теренот. Истите цело време вршеа вербални притисоци кон делегатот и судиите за да натпреварот биде прекинат. Не им дозволуваа на своите играчи да влезат на теренот и да го доиграат натпреварот, за што настана и нивна вербална расправија и меѓусебна кратка физичка пресметка на средината од теренот“, стои во соопштението од клубот од Каменица.

Можно е и ова да ти се допаѓа

@2024 – Сите права задржани