Фудбалерите на Челси, особено оние со високи примања, бараат состаноци со раководството на клубот поради клаузула според која платата драстично ќе им биде намалена со неиграње во Европа.
Во пресрет на подготовките за новата сезона, во соблекувалната на „сините“ владее незадоволство, голем број на фудбалери останеле непријатно изненадени кога сфатиле дека клубот им ги намалил платите поради неуспешната сезона.
Како што пренесуваат медиумите, многумина дури сега откриле дека во нивните договори има клаузули според кои Челси има право драстично да им ги намали примањата доколку не биде обезбеден пласман во европските натпреварувања.
Кај одредени играчи ќе има намалување од 33% или една третина, а кај некого намалувањето ќе биде дури 50%.
Па агентите на неколку ѕвезди веќе побарале разговор со раководството на Челси, односно да се направи корекција на договорите, или пак да се дозволи трансфер.
Корекција на договорите нема да има, а што се однесува до трансфер, одговорот од „Стемфорд Бриџ“ бил јасен, секој што сака да замине, ќе мора да донесе понуда најмалку во висината на сумата што Челси ја платил за негов ангажман.
Тоа значи дека, на пример, за Енцо Фернандез секој заинтересиран клуб ќе треба да издвои 120 милиони евра, колку што „сините“ своевремено и платија на Бенфика за неговите услуги.