Зошто Лајпциг е најомразениот клуб во Германија?

by
2 минути читање

По почетокот на мечот помеѓу Борусија Дортмунд и Лајпциг Ред Бул, навивачите на домашниот тим извадија огромен број на транспаренти навредливи за противникот. За ниту еден друг тим немале толку погрдни банери како за Лајпциг. “Bullen Schweine,”(свињи), “Red Bull – Feind des Fussballs!” (“Ред Бул – непријатели на фудбалот”), некои од нив и на англиски “Beer is a passion, RB is a fashion” (пивото е пасија, РБ е мода) беа само дел од пораките.

Десет фанови на Лајпциг и четворица полицајци беа повредени откако беа нападнати од група навивачи на Дортмунд кои маваа со јајца, камења, шишиња и пиротехника. Омразата кон новиот бундеслигаш е голема, но зошто?

Лајпциг во својата прва сезона се бори за излез во Лигата на шампионите, никој не им е љубоморен на успехот, но омразата која ја имаат сите германски клубови кон нив е поради начинот на кој е воден клубот.

Еден весник отиде дотаму што на табелата од Бундеслигата наместо Лајпциг напиша “Dosenverkauf” (продавачи на лименки).

Продавањето енергетски пијалоци во лименки е основниот бизнис на Ред Бул, компанијата која го поседува Лајпциг. Тие го купија клубот во 2009 и за седум години имаа дури четири промоции во погорни лиги.

Традиционално во Германија клубовите не се сопственост на големи и богати компании, туку членството го има мнозинството на акции и тие се дел од сопственоста на клубот. Лајпциг е исклучок од оваа традиција и токму поради тоа го навлекува гневот кај останатите кои го сметаа за вештачка творевина која го купува успехот со многу пари.

„Тоа е клуб создаден да ги зголеми приходите на Ред Бул и ништо повеќе“ – изјави извршниот директор на Борусија Дортмунд, Ханс Јоаким Вацке.

Некои одат и подалеку со критиките.

„Ова не е клуб во сопственост или спонзорство на една компанија, овој клуб е аутлет на компанијата. Тоа е сосема ново ниво на користење на спортот како маркетинг двигател“ – вели Андреас Бишоф.

Критиките и навредите на адреса на Лајпциг пристигнуваат од сите страни во Германија, но тоа не му пречи на новиот клуб да бележи добри резултати и да се надева на место во Лигата на шампионите. Моментално се на второто место на табелата во Бундеслигата со четири бода зад Баерн Минхен и дури седум пред третиот Ајнтрахт.

Можно е и ова да ти се допаѓа

@2024 – Сите права задржани