Основниот суд во Штип ја донесе пресудата за инцидентот на младински меч во овој град кога родител на дете од Шкупи нападна млади фудбалери на Брегалница.
Лицето А.А. (43) од Скопје е осуден на 11 месеци затвор поради насилен напад врз двајца малолетни фудбалери на штипска Брегалница на младински натпревар против Шкупи кој се одигра во август оваа година на игралиштето „Бело брдо“.
Пресудата сè уште не е правосилна и следува рок за жалба пред Апелациониот суд во Штип.
Инцидентот се случил во самиот финиш од мечот кога судијата му покажал втор жолт картон на синот на обвинетиот. Разочаран од одлуката самиот играч прво физички почнал да се пресметува со противнички играчи, по што влегол неговиот татко и почнал да тепа со тупаници и клоци двајца фудбалери на Брегалница.
Децата од ударите добиле повеќе набиеници и скршеница на носот без дислокација. Присутната публика реагирала навреме и спречила поголем инцидент.
Основното јавно обвинителство во Штип веднаш поведе итна постапка против напаѓачот, оценувајќи дека со своите постапки тој ја загрозил безбедноста и предизвикал чувство на страв и несигурност кај присутните и во јавноста.
Покрај кривичната постапка, дисциплинска мерка изрече и Фудбалската федерација на Македонија. Играчот на Шкупи со дрес број 9, чиј родител е осуден, е трајно исклучен од сите фудбалски натпреварувања. Дополнително, двајца негови соиграчи добија суспензија од три месеци, додека фудбалер на Брегалница беше казнет со четири меча неиграње поради груба игра при инцидентот.