Воска Спорт доби казна со одземање на девет бода поради напуштениот натпревар против Вардар кој исто така беше регистриран со службени 0-3 за скопскиот тим во 28. коло на ПМФЛ.
Револтот во таборот на охриѓани е огромен, а и казните беа високи. Претседателот Нефи Усеини и тренерот Клодиан Арбрин добија суспензии по две години, со еден месец суспензија е казнет капитенот Агон Хани. Исто така, Воска доби и парична казна од 7.500 евра, дополнително на суспензиите и одземените бодови.
Веќе е јасно дека опстанокот во ПМФЛ е само теорија за Воска Спорт, а според сознанијата на албанскиот портал „Спортманиа“ се подготвува радикален потег.
Воска Спорт наводно нема да ја доигра сезоната и ќе се повлече од ПМФЛ на пет кола пред крајот на шампионатот. Според „Спортманиа“, раководството на клубот е револтирано и не сака да се натпреварува во мак-фудбалот, а наскоро се очекува и официјализација на повлекувањето.