Ајнтрахт
Франкфурт имаше одлична сезона 2018/19, па добрите игри придонесоа нивните
фудбалери да бидат на мета на многу клубови ширум Европа. Најголем интерес
имаше за напаѓачите, Лука Јовиќ направи трансфер во Реал Мадрид за 60 милиони
евра, Себастијан Алер се пресели во Вест Хем за 50 милиони евра (45 милиони
фунти) а Анте Ребиќ заврши во Милан во трампа за Андре Силва.
И додека Анте
Ребиќ се снајде на Сан Сиро, Лука Јовиќ и Себастијан Алер мака мачат. Реал Мадрид бара решение за иднината на Србинот, се размислува за позајмица, а раководството на Вест Хем реши да раскрсти со Французинот
и да го продаде и покрај тоа што ваквиот потег носи големи загуби.
Оваа недела „чеканите“
седнаа на преговори со Ајакс и дадоа зелено светло за трансфер од околу 20
милиони фунти, што е 25 милиони фунти помалку од она што го платија пред 18
месеци, кога го купија Себастијан Алер за рекордни 45 милиони фунти.
Дејвид Мојс сега со
овие пари ќе треба да најде нов напаѓач кој ќе гарантира голови, на
листата има неколку имиња, а се верува дека прва желба е Џошуа Кинг од
Борнмут.