Вечерва ќе го дознаеме првиот финалист во Лигата на шампионите!

by Стефан
2 минути читање

Фудбалерите на Интер и Барселона вечерва ќе ги одмерат силите во реванш натпреварот од полуфиналето во Лигата на шампионите.

„Нераѕурите“ имаат предност од домашниот терен и активен резултат од првиот дуел во Шпанија кој заврши 3-3, но блага предност на хартија им се дава на Каталонците кои сезонава, под водство на Ханси Флик, играат одличен фудбал.

Барселона веќе ги освои Купот и Суперкупот на Шпанија, а во Примера се наоѓа на врвот со четири бодови предност пред Реал Мадрид. Тимот на Флик има самодоверба, ритам и резултати што ветуваат многу.

Интер, пак, до пред десетина дена беше во игра за три трофеи, но неочекувано беше елиминиран од Милан во полуфиналето на Купот со 3-0, а потоа загуби и во Серија А од Рома со 1-0. Големата бодовна предност пред Наполи се стопи, па сега тимот на Симоне Инзаги е втор на табелата со три бода помалку од лидерот. До крајот на сезоната остануваат уште три кола.

Сепак, сето тоа ќе биде бргу заборавено доколку вечерва „неразурите“ успеат да ја победат Барселона и да обезбедат пласман во финалето на Лигата на шампионите, второ во последните три години. Во сезоната 2022/2023 Интер стигна до големото финале каде пружи силен отпор против Манчестер сити, но загуби минимално со 1-0.

Од друга страна, Барселона последен пат играше финале во сезоната 2014/2015 кога го совлада Јувентус и го освои својот последен европски трофеј. Оттогаш, само еднаш стигнаа до полуфинале, во сезоната 2018/2019, кога беа елиминирани од Ливерпул по славниот пресврт на „Енфилд“. Каталонците тогаш победија со 3-0 на „Камп Ноу“, но беа поразени со 4:0 на реваншот.

Двата тима ќе настапат ослабени. Симоне Инзаги нема да може да смета на францускиот дефанзивец Бенжамин Павар, додека Ханси Флик ќе биде без услугите на бековите Жил Кунде и Алехандро Балде.

Натпреварот започнува во 21:00 часот на легендарниот „Џузепе Меаца“ во Милано.

Фото: Inter/FB

Можно е и ова да ти се допаѓа

@2025 – Сите права задржани