По двата порази на кои Вардар настапи со младинци се очекуваше денеска да се врати на победите откако реши да настапи со првиот тим, но не успеа ниту со најдобрите да дојде до триумф, одигра 0-0 на гостувањето кај Скопје.
Стадионот во Автокоманда е неосвоива тврдина за Вардар досега, така и остана. Црвено-црните доминираа на теренот, го имаа поседот на топката, но нападите беа јалови без посериозни шанси за гол. Мрежите останаа незатресени до последниот свиреж на судијата.
Нерешено завршија и другите два денешни натпревари, немаше голови ниту на дуелот Победа – Академија Пандев, а мечот меѓу Силекс и Шкупи заврши 1-1.
Вчера Шкендија го победи Работнички со 2-0, а Ренова со 1-0 беше подобра од Пелистер.
По 23 одиграни кола Шкендија има 16 бода предност пред Вардар.
Фото: ФК Вардар