Вардар е се подалеку од одбрана на титулата откако доживеа нов пораз во македонското првенство, овој пат на гостувањето кај Шкупи.
Натпреварот се играше по очајно лош терен, речиси невозможен за игра на кој подобро се снајдоа домаќините.
Резултатот беше отворен во 64. минута кога Бајрами со прекрасен шут од дваесетина метри постигна гол за водство на Шкупи од 1-0.
Вардар се обидуваше да дојде до израмнување, но во 86. минута Стојкоски со волеј од 30 метри биеше под пречката на Алексовски за победа од 2-0.
Шкендија со убедливи 3-0 го победи Пелистер, сите три погодоци беа постигнати во второто полувреме.
Битолчани парираа до 49. минута кога Ибраими постигна гол за водство од 1-0, во листата на стрелци се запишаа и Хасани и Зејнулаи.
Победа од 3-0 забележа и Работнички против Скопје, и на овој натпревар трите гола беа постигнати во второто полувреме. Трајчевски погоди еднаш, Сержињо два пати.
Силекс со гол на Ѓорѓевиќ уште во 15. минута славеше победа на гостувањето кај Академија Пандев со 1-0.
Победа и Ренова ги поделија бодовите играјќи нерешено 1-1. Прилепчани поведоа во 73. минута преку Најдовски, издначи Нафиу од пенал на десет минути пред крајот.
Табела по 18. коло:
1. Шкендија 46
2. Вардар 32 (-2)
3. Силекс 31
4. Академија Пандев 25 (-1)
5. Работнички 23 (-1)
6. Шкупи 23
7. Победа 19
8. Ренова 18
9. Пелистер 16
10. Скопје 10
Во заграда е бројот на заостанати натпревари на екипите.