Вардар вечерва ќе брка подвиг во Рига и ќе се обиде да ја надомести негативата од 2-3 од првиот натпревар во Скопје за пласман во третото квалификациско коло од Конференциската лига.
Македонскиот претставник повторно плати скап данок за грешките во одбраната на првиот меч, но останува во игра за пласман понатаму. Оптимизам влева гостувањето кај КуПС, каде што „црвено-црните“ покажаа дека знаат да одиграат квалитетно и далеку од Скопје.
Тренерот Кристијан Фабијани најверојатно нема значително да го менува составот, иако настапот на Дарко Велковски повторно е неизвесен поради повредата што го оддалечи и од првиот дуел.
Рига во реваншот влегува како фаворит. Летонскиот шампион е во натпреварувачки ритам бидејќи сезоната е во тек, а во Скопје покажа дека располага со опасен напад и знае да ги казнува грешките на противникот.
Сепак, Вардар и во минатото знаел да приреди изненадувања на европските гостувања. Иако формата не е на посакуваното ниво, „црвено-црните“ веруваат дека можат да одиграат многу подобар натпревар и да останат во европските квалификации.
Натпреварот меѓу Рига и Вардар ќе оди во директен пренос на Арена М1 Премиум.