Поради лошата ситуација во Вардар, пред се доцнењето на платите, Фелипе изрази желба да си замине од Скопје и да се пресели во поздрава фудбалска средина.
Иако тој имаше договор со Вардар до 2020 година клубот мораше да го прифати неговото барање за заминување бидејќи во спротивно играчот ќе тужеше поради неисплатени плати па и покрај тоа што ќе си заминеше како слободен фудбалер, македонскиот шампион ќе беше казнет.
Двете страни постигнаа спогодба за раскинување на договорот по што Вардар и официјално му се заблагодари на Фелипе.
„Бразилскиот интернационалец Хуан Фелипе Алвес и фудбалскиот клуб Вардар се договорија спогодбено да го раскинат договорот, со што Фелипе повеќе не е дел од нашиот тим.
Фелипе беше дел од Вардар од летото 2015 година, кога пристигна од таборот на ЦСКА Софија. Во досегашните нешто повеќе од две и пол сезони, фудбалерот од средниот ред на изминатите 112 натпревари, постигна 28 голови во „црвено-црниот“ дрес.
Фудбалскиот клуб Вардар му се заблагодарува на Фелипе за досегашниот придонес во „црвено-црниот“ дрес, за неговите одлични настапи во првенството, Купот, во Европа во Лигата на шампионите и во историските мечеви од групната фаза од Лигата на Европа. Неговите голови против Розенборг, против Шкендија, асистенцијата со Фенебахче кога ја запишавме историјата со победата во Истанбул, вечно ќе останат запишани во меморијата на сите кои го сакаат и навиваат за овој клуб. Беше чест што го имавме во составот во овие изминати сезони и уживавме во неговите настапи, голови, аситенции.
Ти благодариме Хуан Фелипе, и ти посакуваме многу среќа и успех во понатамошната кариера!“, стои во соопштението на Вардар