Арсенал со минимални 0-1 го совлада Вест Хем и направи клучен исчекор кон титулата во Премиерлигата, момците на Микел Артета беа спасени од ВАР откако „чеканите“ изедначија на 1-1 во 95. минута.
„Топчиите“ се на две победи до шампионско славје по пауза од 22 години, Арсенал попладнево со помош на ВАР успеа да стигне до три бода на гостувањето кај Вест Хем и да ја задржи предноста во однос на Манчестер Сити.
Во натпревар со малку шанси и многу борба, последните 15-тина минути донесоа голема драма.
Се почна со неверојатното промашување на Фернандеш, кој можеше да го праша Раја каде да шутира, но премногу се мислеше и биеше право во голманот.
Арсенал веднаш го казни овој зицер, Тросар во 83. минута погоди за 0-1 и огромна радост.
Потоа Вест Хем фрли се на една карта и во 95. минута преку Вилсон стигна до 1-1. Но славјето кратко траеше, ВАР реагираше поради контакт со голманот Раја, судијата се упати кон аут линијата и по прегледување на снимката реши да го поништи погодок.
Време за нов гол немаше, па Арсенал сега има една рака на трофејот во Премиерлигата.