Селекторот на фудбалската репрезентација на Јужна Кореја, Хонг Мјунг-Бо, се најде на удар на јавноста по раната елиминација на неговата селекција од Светското првенство, а незадоволството во земјата достигна такво ниво што државната телевизија го замагли неговиот лик за време на емитувањето на прес-конференцијата.
Јужнокорејците одлично го отворија настапот на Мундијалот со победа од 2:1 против Чешка, по што многумина очекуваа дека ќе бидат едно од најпријатните изненадувања на турнирот.
Сепак, надежите брзо згаснаа. Во следните два натпревара Јужна Кореја претрпе порази од Мексико и Јужна Африка, со што го заврши настапот уште во групната фаза, иако во еден момент беше на чекор до пласман во нокаут-рундата.
По неуспехот селекторот веднаш ја презеде одговорноста и поднесе оставка. На прес-конференцијата, одржана во западниот дел на Мексико, тој порача дека целата вина ја презема врз себе.
„Не ги остваривме резултатите што нашите навивачи ги очекуваа. Целосната одговорност е моја како главен тренер. Прифаќањето на оваа функција не беше лесна одлука. Не можам да кажам дека секој мој потег беше исправен, но секоја одлука ја носев со интересот на корејскиот фудбал на прво место“, изјави Хонг, додавајќи дека и понатаму ќе остане верен навивач на националниот тим.