Во овој момент Бојан Миовски и Кристијан Трапановски настапуваат во најдобрата шкотска лига, а до пред неполна година таму беше и Давид Бабунски, сега стигнува информација дека Хибернијанс е заинтересиран за Бесир Исени.
Хибернијанс се бори за место во Европа, а во Исени гледа како идеално засилување за дефанзивата. Но, наводно интерес за овој фудбалер има и од други шкотски клубови.
Исени кој е роден во Скопје, во моментов игра во тимот Дукаѓини од Косово. Тој имаше понуда да се пресели во хрватска Горица во јануари, но ја одби сакајќи да ја заврши сезоната со косовскиот тим.
Се верува дека во летниот преоден рок сигурно ќе ја промени средината, а трансфер во Шкотска е сериозна опција.
26-годишниот Исени има настапи за младата македонска репрезентација, но не и за сениорската. Тој играше за Струга пред да се пресели во Тирана од каде направи трансфер во Дукаѓини.